Камења на верата

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Вие сами, како живи камења, да изградувате од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа.

(1 Петр. 2, 5)

Почитувани претставници на дипломатскиот кор

Ваши екселенции,

Почитуван директор на Агенцијата за ислеништво г-дин Никола Шалваринов,

Пречесни отци, почитувани членови на Црковниот одбор,

Ценети готи, драги браќа и сестри,

 

Ете, Семилостивиот наш Бог благоволи во ова 2018-то лето Господово, Нашата Помесна Македонска православна црква – Охридска архиепископија и нам македонскиот православен христијански народ да нè дарува со големи јубилеи и големи радости. Недела дена по прославата на 1000 роденден на нашата духовна мајка Охридската архиепикопија, возобновена во лицето на Македонската православна црква пред точно 60 години за време на Вториот македонски црковно-народен собор во Охрид, еве нè по Божја промисла во Виена, во Вашата црковна општина славеничка, собрани сите заедно со мојата маленкост да ја споделите Вашата голема среќа за овој 25 годишен јубилеј од формирањето на Македонската православна црковна општина „ Свети Наум Охридски“ во Виена.

Најнапред сакам да Ви ги пренесам срдечните поздрави од Вашиот надлежен ценет и сакан архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Европски г. Пимен, кој поради неодложни работи не можеше да допатува денес во Виена, па преку мене испрати голем поздрав до сите Вас, верни македонски чеда на нашата Свети Климентова Охридска архиепископија.

Денес на Поклади, ден, пред почетокот на Петровиот пост, почитувани, сакам да го нагласам и јавно да го искажам делото на Вашиот будар и буден дух, делото на вашата искрена вера низ годините до денес. А тоа дело трае цели 25 години, а верувам дека ќе трае вечно, течејќи од генерација во генерација... Вашиот бодар и силен дух, изминативе 25 години во континуитет роди исклучително добар плод, а тој плод е основањето на Македонската православна црковна општина „ Свети Наум Охридски“ , во далечната 1993 година овде во Виена, каде моментално се наоѓаме собрани во еднодушност, со една и единствена цел да се потсетиме на тој не толку далечен настан, настан, кој ете и по 25 години од тогаш остана врежан во нашата колективна црковна меморија како особено значаен за развојот на црковниот живот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на Европскиот континент.

Оваа црковна општина е една од најстарите македонски општини во Европа. Таа слободно би ја нарекол и предвестителка на Европската епархија, бидејќи нејзиното основање е година дена пред формирањето на Европската епархија, под чија јуриздикција се наоѓа црковната општина.

Ја користам оваа прилика повторно од длабочините на моето срце најнапред да Ви се заблагодарам Вам мили чеда за сè што досега направивте, за формирањето на црковната општина, за Вашето неуморно вложување во неа сиве овие 25 години. Нејзиното 25 – годишно постоење е само уште еден доказ во низата од неприкосновени факти за успешниот развиток и постоење на нашата МПЦ-ОА не само во границите на нашата сакана Татковина, туку и тука во Австрија и низ дијаспората, насекаде во задграничните епархии, каде што стапнал македонскиот човек.

Исто така Го молам Бога, Вашиот закрилник светиот Наум Охридскиот чудотворец, но и светиот цар Константин и неговата мајка, светата царица Елена, чиј спомен денес го празнуваме – да Ви даваат сили, здравје и мудрост, да живеете во слога и сите заедно уште повеќе да допринесувате за развојот на оваа прекрасна Македонска црковна општина.

Голема благодарност уште еднаш до сите Вас, посебно до претседателот и членовите на Црковниот одбор и до сите верни чеда, за Вашето големо гостопримство. Голема благодарност и до Митрополитот Европски г. Пимен, кој благоволи јас да дојдам и да богослужам денес во Виена и да се радувам со Вас, по зборовите на апостолот Павле „ радувајте се со радосните.. (Рим 12,15) и „ ...пак ќе речам: радувајте се!“ (Филип. 4,4).

И на крај да Ве посоветувам: Не плашете се чеда на младо Христово стадо од Виена, и по зборовите на апостолот Петар и понатаму продолжете „ вие сами, како живи камења, да изградувате од себе духовен дом, свештенство свето, за да принесете духовни жртви, кои Му се на Бога пријатни преку Исуса Христа“ (1 Петр. 2, 5), а тие Ваши духовни жртви и делата на Вашата вера постојано да се дела на радост и радоста Ваша секогаш да биде полна!

Нека Бог – Света Троица, постојано Ве укрепува и ја засилува Вашата ревност во ова општонародно и црковно дело!

Овој јубилеј нека е за многу години! И дај Боже да си дочекаме уште поголеми јубилеи!